ВМРО-ДПМНЕ засега стокми 61 пратеник, продолжуваат и разговорите со „Вреди“

При денешното обраќање во рамки на Самитот Македонија 2025 којшто се одржува во хотел Мериот во Скопје претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали има доволен број пратеници за формирање на влада истакна дека во моментот ВМРО-ДПМНЕ има консолидирано 61 пратеник но и продолжуваат разговорите со потенцијалните идни коалициони партнери како што е коалицијата Вреди.

„Па да, можам да кажам дека како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ ги завршуваме разговорите со неколку од пратениците кои што не се дел од коалицијата „Твоја Македонија“ и можам да кажам дека во моментот успешно консолидиравме 61 пратеник“, кажа Мицкоски и додаде:

Advertisements

„Не можам да зборувам во однос на деталите, но многу скоро од денеска ќе ги дознаете деталите имајќи предвид дека состојбата е чувствителна, но она што можам да кажам е дека како коалиција „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во парламентот покрај 58 пратеници кои што ги има автентично самата коалиција и очекуваме одлука на управниот суд да видиме што ќе се случува со изборната единица 5 и 6 можам со задоволство да кажам дека имаме консолидирано точно 61 пратеник но тоа нема да не повлече од разговорите со идните потенцијални коалициони партнери како што е коалицијата Вреди“, истакна Мицкоски.

Потребно е да се задржат програмските определби кои добија поддршка од граѓаните, било заклучено на работната средба помеѓу работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Вреди, што се одржуваше попладнево во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, при таквото раководење на идниот владин состав да се запазат договорените принципи на делување, силно динамизирање на ЕУ интеграции, бескрупулозна борба против корупцијата и криминалот и економски реформи за повисок животен стандард.

На работната средба, како што посочуваат ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение, било договорено дека разговорите во позитивен дух ќе продолжат и во наредниот период.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателите и првите луѓе од партиите од Коалицијата Вреди Изет Меџити, Африм Гаши и Арбен Таравари имаа средба во саботата во седиштето на коалицијата Вреди кога и официјално почнаа разговорите за формирање влада.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, 18, Коалицијата ВЛЕН, 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати