Лидерката на ЛДП, Моника Зајкова демантира дека ќе се приклучи на парламентарното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ со цел да стигнат до 61 пратеник и апсолутно мнозинство. За пишувањата на социјалните мрежи и кај одреден дел од медиумите, Зајкова за Локално, вели дека се „нарачки од партиски ботови“.
– Имаше такви кои агитираа и работеа против сопствената партија и денес прават повторно притисок. Нашата цел и насоченост во моментот е прегласувањето во ИЕ 5 каде има 3521 избирач. Големи шанси за мандат има и кандидатот од ЛДП, доколку неговата коалиција освои 110 гласови повеќе од сегашниот резултат, тогаш пратеник би станал Боби Мојсоски, а би отпаднал Исмаил Јахоски од ДУИ. Затоа и повикувам да се воздржат од шпекулации и во среда да се гласа за број 1, порачува Зајкова во изјава за „Локално“.