Ветропарк меѓу Карбинци, Штип и Радовиш е првата странска инвестиција на новата влада

Мандатарот Христијан Мицкоски денеска, во рамки на  7. Македонски енергетски форум (МЕФ), најави нов ветропарк меѓу Карбинци, Штип и Радовиш за производство на електрична енергија кој, како што рече, ќе биде една од првите странски инвестиции на новата влада.

Се работи, нагласи, за голема инвестиција која во моментов предвидува производство на приближно еден терават час електрична енергија или еден милион мегават часови, што е приближно 20 отсто од целокупното производство на електрична енергија во земјава.

Мицкоски во дискусијата на првиот панел отвори и повеќе прашања во врска со енергетската транзиција во земјава. Оцени дека со добар план и добар надзор на капацитетите процесот може успешно да заврши, иако, дополни, како електро-енергетски сектор не сме подготвени, а ќе треба и време.

Advertisements

Мицкоски не е убеден дека за 365 дена земјава може да има стабилно снабдување со електрична енергија од обновливи извори. Според него, во енергетиката не се возможни брзи резултати. Мора да се има предвид реалноста и да се работи врз основа на прецизни планови со конкретни одредници.

-Кога се работи за енергетската транзиција треба да имаме предвид дека процесот е сложен и многу скап. Секогаш кога се исклучува реалноста, правиме грешки. За жал, која е реалноста? Нашата земја е сиромашна, па вистинското прашање е – дали Македонија може да си дозволи енергетска транзиција за толку краток период без да добие поддршка од надвор? Дали имаме човечки капацитет за таква транзиција и дали нашиот систем може да си ја дозволи? Кога зборувам за социјалното влијание од енергетската транзиција, зборувам за иднината на луѓето кои се веќе ангажирани во нашите производствени капацитети кои користат јаглен, произведуваат електрична енергија. Не треба тука да се занемари фактот дека моментно повеќе од 4 000 семејства зависат од производството на електрична енергија од термоелектраните, термоелектраната во Битола и Осломеј, нагласи Мицкоски.