Сиљановска Давкова: Ако сте имале 16 позитивни извештаи, а нема преговори тогаш во прашање е и кредибилитетот на пишувачот

Крајно време е земјата да почне преговори низ призма на Копенхагенските критериуми, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова, пред објавувањето на извештајот на ЕК за напредокот на земјава кон Унијата. Иато како и премиерот и претседателката рече дека очекува 17-иот по ред Извештај да биде позитивен, со нотирани промени, но дека нема да биде многу поинаков од минатогодишниот.

-Јас не мислам дека ќе добиеме многу поинаков извештај од минатогодишниот. Не. Мислам дека работите не се смениле преку ноќ. И јас затоа дури и кога се работи за малцинските права секогаш сум укажувала ајде да ги прочитаме 15-от, 16-от, сега 17-от ќе биде се надевам позитивен извештај, се разбира дека ќе бидат воочени промени. Впрочем, не случајно дојде до промена на власта, меѓутоа дека нешто не знам, чудно, ќе се појави не верувам, оцени претседателката Сиљановска Давкова пред објавувањето на извештајот.

Според неа, ако сме имале 16 позитивни извештаи, а не сме почнале пристапни преговори, тогаш во прашање се доведува и кредибилитетот на пишувачот на извештаите и оти тоа е нешто за што Советот на ЕУ треба да размисли.

Advertisements

-Напоменувам ако сте имале 16 позитивни извештаи, тогаш во прашање исто така е и кредибилитетот на пишувачот на извештаите. Ако имате 16 „да“ од Парламентот и ако имате 16 „да“ од Комисијата и 16 „не“ од Советот, а сте имале ситуации на членки кога имало „не“ од Парламентот и од Комисијата и „да“ од Советот, тогаш мислам дека и Советот треба да размисли. Крајно време е ние да почнеме преговори, низ призма на Копенхагенските критериуми, порача претседателката Сиљановска Давкова.