Левица бара кривична одговорност за инспектор кој замижува пред дивоградба среде чаршијата во Струга

Очигледно е дека во општина Струга одамна не важат никакви закони, каде пред очите на целата јавност никнуваат дивоградби, а надлежните ги кршат сите закони само за да не постапат, вели Левица и најавува кривична пријава против инспектор кој прекинал постапка за бесправен објект кој, според партијата, се гради, откако било поднесено незаконско барање за легализација.

Пред еден месец, вели Левица, пратеничката Јована Мојсоска поднела Барање за инспекциски надзор за дивоградбата која се гради во центарот на струшката чаршија. Тогаш овластен градежен инспектор констатирал дека објектот незаконски се гради и подготвил записник, кој, како што објаснува Левица, бил проследен до ОВР-Струга.

„И покрај констатираните незаконитости, дивоградбата продолжува интензивно да се гради и веќе има подигнато уште еден спрат. Уште поскандалозно е Известувањето од градежниот инспектор кој вчера пристигна до Левица, во кое инспекторот известува дека постапката е прекината, затоа што инвеститорот поднесол барање за легализација?!

Advertisements

Ваквото однесување на инспекторот е тотално криминално, со оглед на фактот дека објекти кои може да се легализираат се само оние кои се изградени до 2021 година! Оваа дивоградба тековно се гради, уште не е завршена – а законот предвидува исклучиво дека:

– бесправниот објект кој се легализира мора да биде функционална целина и да може да се употребува;
– бесправниот објект да биде изграден пред 4 март 2021 година!

Поради ваквото исмејување на законите и правдата, Левица ќе поднесе кривична пријава против градежниот инспектор во Општина Струга поради флагрантно непостапување и злоупотреба на службената положба, како и против инвеститорот заради бесправно градење во заштитена зона на градот.

Крајно време е законите да почнат да важат за сите и да се стави крај на дивеењето на локални моќници кои го уништуваат градот Струга и узурпираат  јавен простор, заштитени од секоја власт!“, се вели во денешната реакција на Левица.