Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, упати честитка до сите верници од православна вероисповед, по повод државниот празник Свети Климент Охридски.
-Би сакала да упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник Свети Климент Охридски. Денешниот значаен ден е повод да се потсетиме на, веројатно, најголемото дело на Св. Климент – духовното и етичко воздигнување на народот. Со своите слова и поуки, тој настојувал да изгради нов човек, со нови, благородни навики. Речиси и да нема Светиклиментова проповед без повик за одговорно однесување кон ближните коишто страдаат. Неговата цел била да им помогне на луѓето да станат свесни не само за своите, туку и за потребите и страдањата на другите, истакнува претседателката во честитката.
Благодарение на неговите заложби, како што посочува Сиљановска Давкова, се отворале народни кујни, сиропиталишта, старечки домови, болници за телото и за душата, односно, она што денес го нарекуваме социјална и здравствена заштита.
-Но, денешниов празник е повод и да се сетиме дека не треба да чекаме да дојде некој нов Св. Климент бидејќи тој живее во нас. Треба да го разбудиме Светиклиментовото во секој од нас. Ние, учителите, лидерите, треба одново да станеме Светиклиментови ученици за да се потсетиме на неговата животна филозофија и да ја пренесеме на нашите ученици. Со тоа ќе им овозможиме и самите да станат учители и лидери на сегашните и на идните генерации. Да им помогнеме да напредуваат и да успеваат само со своите знаења, вештини и квалитети, а не со врски, книшки и протекции, нагласува претседателката.
Според Сиљановска Давкова ако сакаме македонското општество да биде праведно и солидарно, а Македонија да ја направиме пристојно место за живеење, ние мора да се навратиме на вредностите на Св. Климент Охридски. Верувам, вели претседателката, дека само така ќе можеме да се наречеме вистински наследници на нашиот голем учител, светител и просветител.