Премиерот Мицкоски најавува реакција од Владата по бранот поскапувања на одредени артикли во продавниците.
Како што рече тој, кај дел од производите се забележува зголемување на цените и до 25 насто. Мицкоски, без да прецизира кои мерки би можеле да бидат применети, рече дека реакција ќе има уште од денеска.
Според Мицкоски, ваквото однесување на трговците не е етичко, особено пред празниците.
„Тоа што мислеа дека ќе нè надмудрат и си играат со трпението на граѓаните и Владата не е добро. Тоа не е коректно однесување, особено пред празници. На ваков начин не треба да се прават големи профити. Граѓаните очекуваат разбирање, а не наеднаш да се зголмеуваат цените на одредени продукти. Тоа е нечовечно однесување. Реакција од институциите ќе има уште денес, а ако продолжат така, реакцијата ќе биде поголема во периодот што следува“, рече премиерот и додаде дека трикови од овој тип нема да поминат.
Мицкоски истакна и дека имаат и други мерки на располагање, кои може да ги преземат за производите да не поскапуваат, а за кои јавноста ќе биде информирана.
Премиерот претходно вчера најави дека ќе побара од Пазарниот инспекторат вонредна инспекција со цел да се утврди како цената на одредени основни производи е зголемена во изминатите 30 дена.