Компанијата Тинкес ги извести добавувачите дека во првиот кваратал на 2025 година нема да прифаќа изменети ценовници за нивните производи и предлага цените да се вратат на ниво пред поскапувањето односно од пред 01.01.2025 година.
Во писмото испратено до добавувачите и до јавноста, потпишано од управителката Кристина Тодоровиќ Николиќ, се вели:
„ТИНЕКС-МТ ДООЕЛ Скопје како компанија чија приоритетна дејност е трговија на мало, веќе подолго време е изложена на погрешна перцепција од страна на јавноста дека цените во нашите малопродажни објекти се одраз исклучиво на нашата политика на високи малопродажни маржи, а сето тоа усмерено кон постигнување на екстра зголемен профит. Принудени сме на прво место да ги заштитиме нашите потрошувачи, а со самото тоа и сопственото работење. Во насока на зачувување на угледот на компанијата и кредибилитетот на пазарот каде етички и професионално работиме веќе 30 години, донесовме одлука да ги преземеме следните мерки:
– Ве известуваме дека ТИНЕКС-МТ ДООЕЛ Скопје во првиот кваратал на 2025 година нема да прифаќа изменети ценовници за Вашите производи. За пријавените зголемени цени до моментов, предлагаме да се вратат на ниво пред поскапувањето односно од пред 01.01.2025 година.
По истек на првиот квартал, единствено ќе бидат прифатливи за нас измени на цени до ниво право пропорционално со годишната стапка на инфлацијата согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика.
Во случај Вашиот ценовник да биде изменет спротивно на нашата одлука за работење, ќе бидеме приморани дел од производите кои не се во согласност со нашата одлука да не ги набавуваме.
Очекуваме дека со разбирање ќе ја примите оваа наша одлука, во ова време на предизвици за сите нас“, се вели во известувањето од компанијата.