„Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? – чествуваме 153 години од раѓањето на Гоце Делчев

Гоце Делчев е еден од најистакнати македонски национални херои и борци за независна и слободна Македонија. Тој е деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Македонија денеска одбележува 153 години од раѓањето на Гоце Делчев.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава.  Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје. 

Со полагање на букети цвеќиња во Скопје и во други македонски градови, ќе се одржи чествувањето на 153-годишнината од раѓањето на најголемиот македонски револуционер и апостолот на македонската борба за слобода, Гоце Делчев.

Централното одбележување ќе се случи пред гробот на Делчев, во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што се очекува присуството на државните раководители, претставници на партиите, граѓански здруженија…

Во име на Владата почит ќе одаде премиерот Христијан Мицкоски, заедно со владина делегација.

Од Владата велат дека годинава нема да има заедничко чествување на Гоце Делчев со официјални претставници на Бугарија.

Да се потсетиме на некои пораки од нашиот учител и борец:

„Ќе удри утринската зора и за нас…“

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа.“

„Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква, поради жестоките политички услови, ќе биде и нашата – или ќе водиме говеда на касапница.“

„Труд и постојамство, тоа е силата, со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива.“

„Делото на ослободувањето на еден народ, е пред се негово сопствено дело, на неговите сопствени раце.“

„Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“

„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“…