Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека „сериозното несогласување“ на Соединетите Американски Држави и Украина зборува дека претстои „сè поголем јаз меѓу Америка и Европа“, и дека Србија мора да размисли како да се позиционира бидејќи претстои сосема поинаква поделба на светот.
Тој оцени дека по пропаднатиот состанок на претседателот на САД и на Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Белата куќа во петокот, следеше итање на европските лидери остро да му се спротивстават на Трамп.
„Европа ќе се обиде, по моето мислење, да се претстави како нов светилник на слободата, како некој кој не може со Трамп. Ќе се обиде преку либералните медиуми во Америка и (опозициската) Демократска партија да организираат апсолутно секаков вид напади на Трамп, така што сум многу загрижен за него низ што сè ќе мора да помине“, кажа Вучиќ.
Тој додаде дека е сигурен дека во следната година нема да може повторно да се воспостави стратегиско партнерство на Западот.
„Ние сме мали, секогаш сме биле доследни, сме се држеле до својата политика, но ќе мораме – тоа е она кога ќе дувне ветерот – едрата да ги свртиме во вистинската насока, иако останувате во истиот чамец со патниците. Многу нешто ќе мораме да сфатиме за нашите државни, национални интереси“, кажа Вучиќ.
Србија е една од ретките земји во Европа која продолжи да негува добри односи со Русија по инвазијата на соседна Украина во февруари 2022 година. Иако тежнее кон членство во Европската Унија, Србија одби да се придружи на санкциите на Западот против Русија.
Од друга страна, српските претставници во Обединетите нации повеќе пати го поддржаа територијалниот интегритет на Украина. откако Србија на 24 февруари 2025 година во ОН ја поддржа резолуцијата со која се осудува агресијата на Русија на Украина, Вучиќ им се извини на граѓаните, кажувајќи дека тој потег на Србија „бил грешка“.