Угостителската дејност – дискотеки и кабареа никогаш не била предмет на контрола и надзор, како во Кочани така и во цела држава и граѓаните биле под потенцијална загрозеност во сите угостителски објекти. Ова е нешто во што не може човек да верува но е така, изјави државниот обвинител Љупчо Коцевски на денешната прес конференција.
– Најголем проблем е што 13 гoдини никој во Кочани не се ангажирал и никој не презел ништо за оваа дискотека, наречена кабаре, додаде обвинителот Коцевски.
Во однос на надлежностите на Министерството за економија иако немало потполна документација за исполнување на техничките и безбедносните услови на објектот во Кочани, давале лиценца, тој појасни дека од почетокот на функционирање на „Пулс“ никогаш не биле исполнети потребните услови за кабаре, туку во суштина објектот работел како дискотека што влијаело за бројот на гости што требало да бидат присутни.
-Картите на гостите формално биле издавани до бројот кој што можел да ги прими овој објект, а тоа било 240, а во моментот на несреќата во објектот биле присутни околу 650, вели Коцевски.
Обвинителот информира и дека предмет на анализа е и таканаречениот кумулативен ефект на пропуштањата, односно ако повеќе различни лица во текот на долг временски период прават повторувачки пропусти, и тие се дел од поширока причинска врска, бидејќи нивниот збирен ефект може да биде критичен.
– Во сложени случаи, анализа на каузалитетот не се врши само во еден временски момент, туку во хронолошки низи, токму затоа повторувачките пропусти на различни лица низ подолг временски период се земаат предвид при анализа на причинско-последичната врска. Во случаи на долготрајна негрижа, цели институции или системи се одговорни, а не само поединци во моментот на самата последица, рече Коцевски и ги наведе како пример во светски рамки пожарот во клубот во Романија во 2015, пожарот во клубот во САД во 2003 и пожарот во клубот во Бразил во 2013 – сите случаи на масовни трагедии поврзани со пожари како резултат на употреба на пиротехника, каде судовите ја признале долгорочната серија на пропусти како фактори што го направиле пожарот толку разорен.
Коцевски додаде дека претстојат уште многу дејствија, распити и анализи, потенцирајќи дека истрагата ќе биде максимално ефикасна и ќе ги даде сите очекувани одговори за оваа трагедија.
Државниот обвинител прецизира дека досега е поведена истрага кон 45 физички и три правни лица. Едно од физичките лица во меѓувреме почина и против него истрагата ќе биде прекината. Дополнително, како што кажа, се води истрага и против седум полициски службеници. Порача дека истрагата ќе биде максимално ефективна и ќе ги даде посакуваните ефекти.
-Во изминатиот период, обвинителскиот тим кој е проширен на вкупно 13 јавни обвинители интензивно постапуваше и испитуваше повеќе линии на одговорност за пожарот во кој за жал животот го загубија 61 лице, меѓу кои шест деца, а беа повредени уште 197 лица од кои 25 деца. Покрај оние за кои постојат сомненија за директна одговорност како сопственици, управители, организатори на забавата, обезбедување во клубот на критичната ноќ и корисници на пиротехничките средства, се истражува одговорноста и на сите институции и службени лица кои со своите незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабарето „Пулс“ во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот. Законските норми и надлежности за заштита на безбедноста се јасни и тие се донесени и мора да се почитуваат токму за да се избегне ваква катастрофа, рече Коцевски.
Во однос на одговорноста на локалните власти, врз основа на досегашните истражни дејствија, покрај тројцата градоначалници на Кочани кои се веќе осомничени, Обвинителството дошло до основано сомнение за можна одговорност и на тројца овластени општински градежни инспектори, кои постапиле спротивно на своите надлежности и овластувања од Законот за градење и Законот за инспекциски надзор, потенцира дека воопшто не извршиле никаква инспекциска контрола на објектот кој со години бил незаконски пренаменет од објект за лесна индустрија во угостителски објект без никакви безбедносни стандарди.
Во рамки на Дирекцијата за заштита и спасување, освен претходно осомничениот директор, истрага е поведена за уште три лица на истата функција, вклучително и актуелниот директор, како и против генералниот инспектор во Дирекцијата кој бил на таа позиција во текот на целиот период на функционирање на клубот.
– Постои сомнение дека тие постапиле спротивно на нивната должност предвидена во Законот за заштита и спасување и Законот за инспекциски надзор и целосно ги запоставиле своите надлежности не само во однос на овој клуб, туку и на останатите угостителски објекти во државата. Низ годините ниту еднаш согласно ризиците кои постоеле и кои морале да ги имаат во предвид, не спровеле мерки на набљудување, следење и инспекциски надзор над објекти кои вршат угостителска дејност-дискотеки и кабареа. Со своето неизвршување на должностите, спротивно на јавниот интерес, во целост го нарушиле системот за заштита и спасување и со тоа во континуитет ги изложиле граѓаните на опасност од непроверени и контролирани објекти од аспект на исполнувањето на потребните законски услови за безбедност, заштита од пожари и опасност по нивното здравје и живот, наведе Коцевски.
Покрај претходно осомничениот министер за економија, државен секретар и уште тројца раководни службеници, сега новоосомничени се уште три лица кои во одреден период од функционирање на клубот ја извршувале функцијата министер за економија, двајца државни секретари и уште три службени лица на раководни позиции надлежни на одделите за угостителство и туризам, кои се сомничат.
– Сите тие, како и претходно осомничените во Министерството за економија, се истражуваат затоа што му овозможувале на Кабаре клуб Пулс да добива лиценци без да ги исполнува минимално-техничките услови за работа и незаконито да продолжи со вршење на угостителската дејност за целиот период од отворањето до пожарот. Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата бидејќи нема ниту еден доказ дека сопственикот на клубот иницирал постапка за нова лиценца во 2025 година, вели државниот обвинител.
Од аспект на Државниот пазарен инспекторат, истражните дејствија до овој момент, покрај тројца веќе осомничени, посочи тој, упатуваат на основани сомненија на уште четири пазарни инспектори кои биле надлежни да вршат инспекциски надзор за правилна примена на важечките закони и подзаконските акти.
Што се однесува на двајцата поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат кои исто така од претходно се истражуваат, проверките за нив продолжуваат пред се поради околноста дека нивниот мандат се врзува со периодот во кој клубот работел со фалсификувана лиценца, како и уште неколку други лиценци кои се предмет на проверка.
Истрага се води и против седум полициски службеници во постапката што ја отпочна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција односно Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција за целосно утврдување на линијата на одговорност, за што јавноста ќе биде веднаш известена.