Со пораки на благодарност и сеќавање, граѓаните на Кочани денеска им оддадоа признание на сите кои помогнаа во спасувањето и лекувањето на повредените по пожарот во дискотеката Пулс, што се случи пред една година, објави 4news.mk
На централниот настан „Кочани ви благодари“, организиран по повод годишнината од трагедијата, градоначалникот Владко Грозданов се обрати пред присутните, потсетувајќи дека во пожарот животот го загубија 63 лица, а 193 млади луѓе беа повредени.
„Денес стоиме со тешки, но благодарни срца. Тоа беше ноќ што засекогаш ќе остане во колективната меморија на нашиот град. Пожарот во ‘Пулс’ не беше само трагедија, туку судир со најтешките човечки страдања“, рече Грозданов, додавајќи дека во тие драматични моменти младите се соочиле со огнот и чадот, додека медицинските тимови и спасувачите со голема пожртвуваност се бореле за нивните животи.
Тој истакна дека во најтешките моменти градот почувствувал силна поддршка од земјата и од странство. Болници од државата и од повеќе европски земји ги примиле повредените, а медицинските тимови веднаш се вклучиле во нивното лекување.
Според него, во спасувачката акција биле вклучени амбулантни, полициски и армиски возила, како и хеликоптери и авиони со кои повредените биле транспортирани до болници каде што можеле да добијат соодветна медицинска грижа.
Грозданов нагласи дека Кочани нема да ја заборави ниту солидарноста на граѓаните, кои во голем број дарувале крв, носеле храна и вода и им пружиле поддршка на семејствата на повредените.
„Од името на граѓаните на Кочани, на родителите и семејствата и на младите кои денес повторно учат да живеат – ви велиме едно големо и искрено благодарам“, истакна градоначалникот.
Во рамки на настанот, Општина Кочани додели благодарници на 36 болници од странство, како и на амбасади, државни институции и министерства кои помогнале во спасувањето и лекувањето на повредените. Претставник од Универзитетска болница „Пирогов“ му врачи симболичен клуч на градоначалникот како знак на пријателство и солидарност.
На настанот присуствуваа и министрите Панче Тошковски, Игор Филков и Азир Алиу, како и претставници од повеќе институции кои во деновите по трагедијата биле вклучени во транспортот на повредените и поддршката на нивните семејства.
Манифестацијата беше заокружена со музичко-сценски настап на уметниците Симон Трпчески, Игор Дурловски и Зарина Прасевда.



