Македонските аеродроми остануваат лидери во регионот, истакна денеска вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
„Меѓународниот аеродром Скопје останува лидер во регионот со раст од 32 % споредбено со истиот период минатата година. За оваа година од понудените преку 390 илјади нови седишта, заради влијанието на конфликтот на Блискиот Исток има намалување за околу 6 илјади седишта, но и покрај ова останува високо рангиран во регинот и во овој сегмент, пренесува специјализираниот авио портал” EX-YU Aviation News”, посочи Николоски.
Тој додава дека во првите месеци од годинава, домашните аеродроми бележат раст од 30 % по број на патници и околу 20% по број на операции, за што вели дека ги потврдува политиките на Владата за развој на авиосообраќајот во Македонија.
„Само од почетокот на оваа година се водедоа нови авиолинии од Скопје кон Неапол и Будимпешта, односно од Охрид кон Милано и Братислава. Дополнително, во текот на месец јули од Охрид започнува да оперираат линиите кон Катовице и Вроцлав, а од Скопје кон Палермо и Алгеро, со што за речиси две години од работа на оваа Влада, се воведоа 24 нови авиолинии кон европските центри, што е рекордна бројка на ново воспоставени авиолинии“, нагласува министерот за транспорт.
Тој исто така порача дека развојот на авиособраќајот останува меѓу приоритетите на Министерството за транспорт и тоа го докажувале со реализација на проектот за реконструкција, надградба и проширување на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, со што дополнително ќе се зголеми капацитетот за патници и авио операции.
Вицепремиерот Николоски, истакнува дека оваа година се очекува да се надмине бројот на патници од 3,5 милиони, а во следната година да достигне и до 4 милиони патници, што е резултат на актуелниот модел на привлекување на авиолинии.
Во однос на актуелните состојби со горивата, Македонија има стабилна состојба, во континуитет се врши координирање со сите институции и засега авиосообраќајот се одвива непречено.



