Вицепремиерот Арбен Фетаи не оди на работа ниту, пак, на седници на Владата, изјави во интертвју за „360 степени“ на МРТ 1 министерот за здравство Азир Алиу.
Тој во интервјуто потврди дека во последниот период не разговара со својот колега, вицепремиерот за политики за добро владеење и транспарентност, Арбен Фетаи, поради тоа што „тој не е тука“ и „не доаѓа на седници на Владата“, но рече дека неговото отсуство не се должи на здравствени проблеми.
На прашањето зошто не доаѓа на седниците на Владата, Алиу изјави дека не знае и оти не е информиран за причините.
Алиу истакна дека постоеле несогласувања на Арбен Фетаи во однос на политиките на ВРЕДИ и Владата, но оти тие биле решени во рамките на коалицијата и дека во политиката е потребно секој да внесе енергија, знаење и промени, а кога некој не се чувствува како дел од една група, тогаш легитимно е да се разделат.
На прашањето дали да се очекува смена на Фетаи во идната реконструкција на Владата, Алиу релче дека во моментот како ВРЕДИ работат на дефинирање на органограмот, сега веќе како политичка партија и сѐ уште не се стигнати до нивото на анализа на перформансите на директорите, замениците, министрите и перформансите во Владата во целина за секоја политичка партија, која е дел од ВРЕДИ.


