Дарко Младиќ, синот на поранешниот српски генерал Ратко Младиќ осуден на доживотен затвор за воени злосторства, (83), упати апел до јавноста тврдејќи дека здравствената состојба на неговиот татко во затворот во Хаг е критична и дека тој се наоѓа во терминална фаза.
Во изјава за телевизијата АТВ од Бања Лука, тој истакна дека дури и лекарските извештаи од самиот трибунал, иако не експлицитно, потврдуваат дека генералот е на крајот од својот живот. Според него, со ова се исполнети сите правни критериуми за негово ослободување за да може да биде соодветно лекуван.
„Вчера бев со него само два часа бидејќи тој не можеше повеќе да издржи. Ми пренесоа дека не може нормално да јаде ниту да пие вода, а немав добиено одговор зошто не прима инфузија. Нашата единствена цел во моментов е негово ослободување, за да му го продолжиме животот барем малку ако е тоа можно“, изјави Дарко Младиќ.
За утре е најавено дека тим од српски лекари ќе пристигне во Хаг за да изврши детален преглед на затвореникот, по што семејството планира да поднесе формално барање за негово ослободување поткрепено со стручно медицинско вештачење
Ратко Младиќ е осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото, кршење на законите или воените обичаи за време на војната во БиХ во периодот 1992-1995 година.


