Мицкоски: Невработеноста на историски најниско ниво, над 15.000 нови работни места во последната година

Во изминатата година, создадени се над 15.000 нови работни места, со што вкупниот број на ангажирани лица во земјата достигна околу 710.000. Бројот на евидентирани невработени лица е под 90.000, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска присуствуваше на почетокот на градежните работи за доградба на Основното училиште „Гоце Делчев“ во скопската општина Аеродром.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски нагласи дека реалниот број на невработени, доколку од вкупниот број пријавени се исклучат околу 30.000 земјоделци, како и лицата кои формално се водат како работоспособни (од 15 до 65 години), меѓу кои спаѓаат и ученици чие образование е обврзно, изнесува приближно 35 до 40 илјади лица.

“Тоа е под пет проценти од работоспособното население и претставува историски најниско ниво од кога постои независна Македонија”, потенцираше премиерот.

Како последица на, како што наведе, зголемената инвестициска активност и поддршката од страна на Владата, Мицкоски истакна дека економијата бележи реален раст од 3,5 проценти шест последователни квартали.

“Ако се земе предвид номиналниот бруто-домашен производ за 2026 година, и тоа не според проценките на Владата, туку според Меѓународниот монетарен фонд, тој ќе достигне околу 22 милијарди долари”, информираше Мицкоски.

Тој додаде дека растот на номиналниот бруто-домашен производ, во споредба со периодот на претходната влада, е трипати поголем, и тоа во услови кога економијата во еврозоната расте со помалку од 1 процент.

Advertisements

Премиерот истакна дека постигнатите економски резултати се должат не само на поддршката на стопанството преку субвенционирани кредити со каматна стапка под 2 проценти, туку и на успешното спроведување на капитални проекти.

“Моментално имаме над 1.200 активни проекти, односно градилишта, кои се реализирани само во последните две години, директно насочени кон заедниците преку локалната самоуправа”, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека инвестициите се остваруваат во сите општини, применувајќи еднакви критериуми, независно од политичката припадност на градоначалниците, при што вкупната вредност на проектите достигнува приближно половина милијарда евра.