(ФОТО) Легендарниот Пеле се бори за живот, децата се покрај него – „Сè уште сме тука, во борбата и во верата“

Децата на легендарниот бразилски фудбалер Пеле дојдоа во болницата во која е нивниот татко за заедно да го поминат Божиќ, за што имаа и неколку објави на социјалните мрежи.

Неговиот син Едињо на Инстаграм објави фотографија на која го држи татко му за рака со порака „Тато, мојата сила е со тебе“.

Едињо, кој е технички директор на фудбалскиот клуб Лондрина, во јужната бразилска држава Парана, им се придружи на своите сестри Флавија и Кели, кои во последните денови постојано се со нивниот татко во болница.

Advertisements

„Сè уште сме тука, во борбата и во верата. Уште една ноќ заедно“. Со овие зборови Кели Насименто, ќерката на легендарниот Пеле, објави фотографија со својот татко. Слатка и драматична фотографија во исто време, прегратка од болничкиот кревет, во просторијата во која од минатиот 29 ноември е хоспитализиран О Реи (крал на португалски јазик), единствениот фудбалер во историјата кој освоил три Светски првенства.

Пеле, кој боледува од рак на дебелото црево од септември 2021 година, на крајот на ноември беше префрлен во болница во Сао Паоло. Неговите лекари во средата објавија дека болеста напредува и дека Пеле има проблеми со бубрезите и срцето.

Последниот медицински извештај издаден од болницата Алберт Ајнштајн, каде што е хоспитализиран фудбалската легенда, ја потврдува сериозната здравствена состојба на Пеле, кому пред околу една година му беше дијагностициран рак на дебелото црево.

„Ракот на дебелото црево напредува. На пациентот му е потребна поголема помош за лекување на бубрежна и срцева инсуфициенција“, стои во објавата од болницата.