Дојчиновски: Мицкоски сака да ја продаде водата и струјата за профит на странски дата центри

Опозициската СДСМ преку прес-конференција на Кристијан Дојчиновски упати сериозни обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски и владејачката партија во однос на најавените инвестиции за изградба на комерцијални дата центри во државата.

Од СДСМ тврдат дека овие проекти носат сериозни стратешки ризици за земјата, бидејќи трошат екстремни количини електрична енергија и чиста питка вода, додека економскиот поврат преку вработувања и даноци останува минимален. Според нив, јавните ресурси се пренасочуваат за приватни и тендерски профити, што директно ќе се одрази врз сметките на граѓаните.

„Мицкоски и ВМРО-ОКГ сакаат да ги продадат водата и струјата на граѓаните за интереси на странски дата центри и сопствени тендерски профити. Мицкоски и ВМРО-ОКГ инсистираат на големи комерцијални дата центри во Македонија, и покрај сериозните ризици кои ги носат овие проекти и и покрај примерите од светот каде градовите и државите се откажуваат од нив“ – изјави Дојчиновски.

Како аргумент против овие инвестиции, од опозициската партија посочуваат дека еден голем дата центар троши меѓу 1 и 3 милиони литри питка вода дневно, што е еднакво на потрошувачка на град со 15.000 до 30.000 жители. Во услови на климатски промени, ова според нив ќе доведе до рестрикции во домаќинствата и земјоделството, а дополнително ќе се оптовари и веќе ранливиот енергетски систем.

Во соопштението се наведува дека ваквите проекти веќе наидуваат на сериозен отпор и блокади во глобални рамки:

„• Во Холандија, Meta го откажа големиот проект во Zeewolde поради отпор од граѓани и фармери заради огромна потрошувачка на енергија и влијание врз земјоделството. • Во Ирска, владата воведе мораториум на нови дата центри околу Даблин до 2028 година, бидејќи тие трошат над 20% од електричната енергија на земјата. • Во САД (Аризона, Virџинија, Мисури и др.), десетици проекти во вредност од десетици милијарди долари се блокирани или откажани поради недостиг на вода, раст на сметките за струја и уништување на локалната средина.“

Advertisements

Поради овие причини, СДСМ излезе со две конкретни барања до власта со цел заштита на националните ресурси:

„• Мораториум на изградба на нови комерцијални дата центри кои користат системи со испарување на вода. • Доколку се дозволат помали проекти за државни потреби, инвеститорите да бидат законски обврзани на исклучиво воздушно ладење без потрошувачка на вода и сопствено производство на енергија со соларни паркови и батерии, без повлекување од националната мрежа.“

На крајот од прес-конференцијата, опозицијата упати јавен повик до владејачкото мнозинство за прекин на, како што ја нарекуваат, неодговорната политика и ставање на интересите на граѓаните на прво место.