Голема трагедија ја потресе Франција откако осумгодишно момче се удави за време на час по пливање во училишен базен во местото Конш-ан-Уш, на северот од земјата.
Несреќата се случила на 16 јуни во периодот помеѓу 14 и 16 часот. Детето, кое посетувало локално основно училиште, било на организиран час по пливање под надзор на неколку спасувачи.
Иако спасувачите и службите за итна помош веднаш интервенирале и се обиделе да го спасат, лекар на местото на настанот ја констатирал неговата смрт.
Градоначалникот Жером Паско изрази голема тага по трагедијата и повика јавноста да не изнесува претпоставки додека трае истрагата.
„Мора да разбереме што точно се случило, но сите треба да останат смирени и да избегнуваат избрзани заклучоци“, порача тој.
Полицијата започна истрага за да ги утврди сите околности на несреќата, а во училиштето е формиран тим за психолошка поддршка за учениците, наставниците и семејствата.
„Губењето на едно дете секогаш е трагедија. Сите сме во шок“, изјави Франсоаз Монкада од Националната служба за образование.
Психолози ќе продолжат да им помагаат на учениците и вработените во училиштето и во наредните денови, додека целата заедница тагува по загубата на младиот живот.



