Страшно убиство на медицинска сестра: Сопругот преку телефон ги слушал нејзините последни зборови

Страшно убиство се случи на паркингот на Регионалниот медицински центар DCH во Тускалуса, американската сојузна држава Алабама, каде 27-годишната медицинска сестра Ада Дос беше застрелана веднаш по завршувањето на својата смена.

Во моментот на нападот, Ада разговарала со својот сопруг Ендру преку телефон за секојдневните планови – што ќе подготват за вечера и грижата за нивните две ќерки, едната стара шест месеци, а другата две години.

Според истрагата, осомничениот Метју Тејлор ѝ се приближил на паркингот со пиштол и побарал да му ги предаде клучевите од автомобилот. Во паника и страв за својот живот, младата жена го молела напаѓачот да не пука.

„Те молам, немој. Имам бебиња“, биле нејзините последни зборови пред напаѓачот да отвори оган.

Најстрашното е што нејзиниот сопруг сè уште бил на телефонската линија и ги слушнал последните мигови на својата сопруга додека таа се обидувала да се спаси.

Според американските медиуми, осомничениот истиот ден бил донесен во болницата од член на семејството или пријател, тврдејќи дека му е потребна помош, но никогаш не влегол во установата ниту побарал медицинска нега.

Advertisements

Наместо тоа, со часови се движел низ кругот на болницата, по што ѝ пришол на Ада додека одела кон своето возило. Полицијата наведува дека тој ја следел со вперен пиштол, а кога стигнала до автомобилот испукал еден куршум кој бил кобен.

По трагедијата, сопругот на Ада поднел тужба против здравствениот систем и компанијата задолжена за обезбедување на болницата, тврдејќи дека пропустите во безбедноста овозможиле напаѓачот со часови непречено да престојува во кругот на установата.

Осомничениот Метју Тејлор е уапсен и се соочува со обвинение за тешко убиство.

Овој случај предизвика голем шок и тага, особено поради фактот што сопругот на младата медицинска сестра преку телефон бил сведок на нејзините последни зборови и очајничките молби да остане жива.