СУДОТ ЈА ОДБИЛ НЕЈЗИНАТА МОЛБА: По ослободувањето, сопругот ја претепал до смрт

Трагичен случај од Словачка ја потресе јавноста, откако жена која претходно барала судска заштита била убиена од сопругот само неколку дена откако тој бил пуштен од притвор.

Случајот отвори сериозни прашања за постапувањето на институциите во случаи на семејно насилство.

Според словачките медиуми, Томаш В. од Гелница е осомничен за убиството на својата сопруга Сузана В. Само неколку дена претходно, судот во Спишска Нова Вес му изрекол условна казна затвор од осум месеци за закани и семејно насилство, со одложено извршување од 15 месеци и задолжително амбулантско лекување од алкохолизам. По правосилноста на пресудата, тој бил ослободен.

Насилството започнало уште во февруари годинава, кога, според обвинението, Томаш под дејство на алкохол брутално ја нападнал сопругата. По апсењето му бил одреден притвор поради опасност дека може да го повтори делото.

Додека тој бил во притвор, Сузана поднела барање до судот за итна забрана за приближување и исклучување на сопругот од заедничкиот дом. Во барањето навела дека тој по 23 години апстиненција повторно почнал да пие и станал исклучително агресивен.

Сепак, судот го одбил нејзиното барање со образложение дека во тој момент обвинетиот бил во притвор и не постоела непосредна опасност да ѝ се приближи.

Advertisements

По неговото ослободување на 9 јуни, без изречена забрана за приближување, жената останала без судска заштита. Неколку дена подоцна, според истрагата, Томаш ја убил својата сопруга.

Во моментов, Окружниот суд во Кошице одлучува за негово повторно притворање, додека против него се води постапка за тешко кривично дело – убиство.

Случајот предизвика силни реакции во словачката јавност и повторно ја отвори дебатата за заштитата на жртвите на семејно насилство.