Разорните земјотреси што ја погодија Венецуела однесоа најмалку 1.430 животи, додека 3.238 лица се повредени, а повеќе од 3.100 семејства останаа без своите домови. Властите предупредуваат дека бројот на жртвите може дополнително да расте бидејќи спасувачките екипи сè уште трагаат по преживеани под урнатините.
По двата силни потреси што ја погодија земјата во средата, регистрирани се најмалку 430 последователни земјотреси, што значително ги отежнува спасувачките операции.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се прошири емотивна снимка од градот Ла Гуаира, на која е прикажано драматичното спасување на 18-месечно бебе извлечено живо од урнатините.
На видеото се гледа маж, за кого се верува дека е таткото на детето, како со рацете на главата и во неизвесност го чека исходот од спасувањето. Во моментот кога спасувачите му го предаваат бебето, тој не успева да ги сокрие емоциите и се расплакува.
Според локалните информации, и мајката на детето била спасена кратко време подоцна.
Спасувачките тимови и понатаму се распоредени низ најпогодените области, каде под исклучително тешки услови продолжува потрагата по преживеани. Властите стравуваат дека конечниот биланс на жртвите ќе биде значително поголем.



