Македонија мора во идниот период да го забрза развојот на е-трговијата за да би го одбегнала дното и би се искачила неколку места погоре на листата.
46% од интернет корисниците во Македонија купуваат производи онлајн, податоците и бројките покажуваат раст на е-трговијата, но сепак нашата земја сѐ уште е рангирана на дното споредено со европските земји, истакна претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска, на петтата годишна конференција за е-трговија што се одржа во Скопје и на која присуствуваа над 500 учесници од повеќе од 10 земји.
– Македонецот купува онлајн еднаш до два пати во 3 месеци, прави нарачки најчесто до 50 евра, а најмногу нарачува од домашни е-трговци. Најмногу купува облека онлајн, а најмалку мебел и храна. Вредноста на трансакциите кои Македонците ги реализирале кон домашните е-трговци во првата половина на 2022 изнесува 12 милијарди денари и е за 22% повисока споредбено со првото полугодие во 2021, вели Ангеловска.
За охрабрување е и фактот дека во првата половина на 2022 година се отворени 110 нови е-продавници, што укажува на тоа дека продолжува трендот на зголемување на бројот на уреди кои примаат платежни картички на виртуелни места на продажба.
– Во однос на навиките за користење на услугите од електронското банкарство, во Македонија се забележува значителен пораст на 31% од населението кое користи интернет, но тоа не е доволно – нашата земја е подобра само од соседните земји, додека 66% од Европејците го користат интернетот за е-банкарство, истакна Ангеловска.
Но, затоа, пак, наведено е во извештајот, дури 85% од Македонците го користат интернетот за социјални мрежи и се во горниот ранг.
„Сите балкански интернет корисници најмногу сакаат да зборуваат, а помалку да праќаат е-маил. Црногорците отскокнуваат во учество на социјални мрежи, праќање инстант пораки и читање онлајн вести, весници, списанија, додека Србите во барање информации за производи/услуги и барање на информации поврзани со здравјето, додека Босанците за продавање на производи и услуги онлајн иако во речиси сите други активности на интернет се на последно место“, посочено е во анализата што ја презентираше Ангеловска.