Ковачевски: Со добра мисла и добри дела може да одиме напред

Премиерот Димитар Ковачевски, во име на Владата и во свое лично име, упати честитка за Божиќ до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски, г.г. Стефан, како и до сите православни верници кои го празнуваат Христовото раѓање – Божиќ, еден од најголемите христијански празници.

„Во духот на денешниот празник да се потсетиме на неговата симболика-да сакаме, да почитуваме, да простуваме, да помагаме и да подаваме рака на оние на кои им е потребна помош. Само со добрина во нашите срца и желбата за сплотеност ќе можеме да ги победиме разните искушенија пред кои сме исправени“, порача Ковачевски во честитката.

Премиерот потсети на значењето на Божиќ, кој, како што вели, „е празник кој обединува, кој сплотува и кој значи безусловна љубов“. „Како што празникот сите нè обединува во семејниот дом, така нека нè обедини и во сите други сфери на живеењето. Да се радуваме на денешниот ден, да ја славиме веста за Христовото раѓање, со љубов и топлина во нашите срца. Со добра мисла и добри дела можеме да одиме напред и да создаваме подобро утре за сите нас.

Advertisements

Нека денешниот ден, Божиќ-симболот на радоста, надежта, сплотеноста и заедништвото биде наша водилка во годината што почнува.

Христос се роди! Честит Божиќ!” вели Ковачевски во честитката упатена до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.