Ахмети и Груби на ручек со Заев во Струмица добиле уверување – „Не постои сценарио за исклучување на ДУИ од власта“

Не постои сценарио за исклучување на ДУИ од власта и нејзино туркање во опозиција, изјави Артан Груби првиот вицепремиер и висок партиски функционер на ДУИ, во интервју за Истражувачката репортерска лабараторија(ИРЛ), емитувано на МТВ.

Груби открива дека на 5 јануари годинава заедно со претседателот на ДУИ, Али Ахмети на покана на поранешниот премиер Зоран Заев биле на ручек во Струмица и на таа средба добиле уверување од Заев дека не постои сценарио за туркање на ДУИ во опозција. Ахмети вакви гаранции добил и од премиерот Димитар Ковачевски.

Груби вели дека е информиран за средбата во СДСМ, што се случила на 21 декември, минатата година, за која дел од медиумите објавија дека наводно Заев барал ДУИ да се исклучи од власта, односно дека имало обид за пуч, а СДСМ да оди во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Advertisements

„За средбата имам информации, но не за тоа што вие го велите и не се согласувам, затоа што на таа средба имало повеќе луѓе, кои јавноста ги знае. Од сите тие луѓе, вклучително и од поранешнито премиер Зоран Заев, јас сум уверен, господинот Ахмети е уверен, дека апсолутно не станало збор за какво било сценарио за исклучување на ДУИ од власта. И дека такви некои етнички коалиции помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се погубни за македонското општество“, одговори Груби.

Тој во текот на разговорот уште еднаш истакна дека како невистинити ги оценува информациите во јавноста оти на таа средба имало обид ДУИ да се тргне од власта и да се турне во опозиција.

„Ако го гледаме ова опортунистички, тоа би било најдобро сценарио за ДУИ. Тоа ќе ни донесе над 20 пратеници во Собранието. За жал, би било добро сценарио и за Левица, која што би имала раст во едни вакви околности, во еден таков сплет на вакви договори, меѓуетнички, моноетнички или пак политички калкулации. Но, ние се видовме со господинот Заев, со господинот Ахмети му бевме гости на ручек, разговаравме околу четири часа за сите актуелности во државата, во регионот, помеѓу политичките партии“, рече Груби.

Средбата со Заев, како што наведува Груби, се случила ден по роденденот на Ахмети кој, како што рече, прв пат отишол во Струмица.

Освен од Заев, Груби вели дека и од сите учесници на тој состанок на 21 декември, вклучително и од премиерот Димитар Ковачевски добиле уберување дека такви сценарија воопшто не се разговарани.

„Такви сценарија не се ниту разгледувани, ниту прифатливи, ниту за Заев, ниту за Ковачевски“, вели Груби.

На прашањето кој ги има информирано за оваа средба наредниот ден, на 22 декември, Груби вели дека за ваквата средба знаеле уште пред 21 декември.

На забелешката на новинарот дека таа средба била круцијална за одмерување на силите  во СДСМ, Груби вели дека не е уверен дека постојат причини за такво нешто.

„Не верувам дека ги мериле силите, нема зошто да ги мерат, сите се СДСМ, сите сакаат победничко СДСМ, сите сакаат Владата да опстои, да продолжи“, вели Груби.

Тој е уверен дека актуелната Влада ќе опстои до 2024 година, а притоа потенцира дека постојат пораки од Вашингтон и од Брисел дека предвремени избори не се прифатливи.