Пекарите се налутија на Владата и се заканија: Ќе нема леб во маркетите!

Производителите на леб денеска денеска се заканија дека доколку Владата ја донесе најавената одлука за замрзнување на цената на овој производ на 33 денари, тие веднаш ќе престанат да го произведуваат и да го испорачуваат на пазарот, и тоа не само „народниот“, туку сите видови леб.

Ваквата одлука е донесена од страна на групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија по денешната итна средба на 32 индустриски пекари од целата држава, плус здруженија на мали пекари од повеќе градови.

„Дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цените во Службен весник, од наредниот ден нема да се произведува леб и да се носи на пазарот“, изјави за медиумите Горан Малишиќ, претседател на групацијата за мелничко-пекарска индустрија.

Advertisements

Според нивните проценки, одлуката за замрзнување на цената на лебот ќе им донесе финансиска штета од 3 илјади до 15 илјади евра на ден.

„Таа мерка на пекарите ќе им нанесе штета и ќе доведе до нивно итно затворање. Штета би изнесувала, во зависност од индустриските пекари и од нивната големина, од три до 15 илјади на ден“, додаде Малишиќ.

Тој појасни дека две години биле општествено одговорни компании, и дека ако сега работат по замрзнати цени, ќе одат во загуба.

Оваа реакција доаѓа по најавата на министерот за економија Крешник Бектеши за укинување на мерката за субвенционирање на електричната енергија на пекарската индустрија, како и по најавата за замрзнување на цените на лебот на 33 денари.