Американскиот џез-саксофонист Вејн Шортер, кој важи за еден од најголемите џез композитори во САД, почина вчера во Лос Анџелес на 90-годишна возраст.
Неговата агентка Алис Кингсли го потврди тоа за Франс прес, без да ја прецизира причината за смртта на овој афроамерикански уметник роден на 25 август 1933 година во Њуарк, во близина на Њујорк, чие влијание врз џезот траеше речиси половина век.
Уметникот што Њујорк Тајмс го нарекува „иновативен“, „бестрашен“ и „енигматичен“ свиреше со најголемите, вклучувајќи ги Мајлс Дејвис, Херби Хенкок, Арт Блејки и се истакна на сопрано саксофон, како и на тенор, особено со неговата џез група „Weather report“ од 1970-тите и 1980-тите.
Шортер најпрво се здоби со популарност во доцните 50-ти како член, и на крајот првенствено како композитор, на составот „Џез Месинџерс“, предводен од Арт Блејк. Во 60-тите, тој се приклучи на групата наречена „Вториот голем квинтет“ предводена од Мајлс Дејвис, а потоа учествуваше во основањето на џез-фјужн бендот „Weather report“. Тој снимил преку 20 албуми како водач на различни бендови.
Тој беше една од последните живи легенди на џезот, музички жанр што го прифати уште од 1950-тите, по младоста како кларинетист.
Тој свиреше бибап со својот брат Алан Шортер (1932-1988) и се нарекуваше „Доктор Стрејнџ“.