Левица: Во Аеродром се префрла од шупливо во празно, Муцунски не направи енергетски фонд

Едно од многуте неостварени ветувања на градоначалникот Муцунски е формирање на енергетски фонд до крајот на 2022 година, со цел финансиска поддршка за реконструкција на зградите во општина Аеродром со нови енергетски ефикасни фасади, поставување на лед светилки, фотоволтаични панели и други инвестиции во енергетската ефикасност, реагира општинската организација на партијата Левица во Аеродром.

„Не само што ништо од ова не е реализирано, ами гласачката машина на ДПМНЕ во општината одби да изгласа два амандмани на политичката партија Левица во насока на зголемување на енергетската ефикасност на општината.Тоа беа амандманите за замена на постоечките волфрамови сијалици, со огромна потрошувачка на елетрична енергија, на уличните светилки со фотоволтаични енергетски ефикасни светилки како и формирање на сопствено општинско јавно претпријатие за производство на електрична енергија. Муцунски и ДПМНЕ во целата своја ароганција и работење само за свој интерес, наспроти интересите на граѓаните на општина Аеродром, ги одбија предлозите на Левица за намалување на трошоците за електрична енергија на општината и зголемување на енергетската ефикасност“, се вели во партиската реакција на Левица.

Партијата тврди дека наместо да се зголеми енергетската ефикасност, било формирано претпријатие за претурање од шупливо во празно, односно јавно претпријатие за стопанисување со јавно осветлување кое има за цел само да ја заобиколи постоечката законска регулатива и да троши поефтина електрична енергија, без никаква иновативност, при тоа отварајќи простор за нови давачки преку плаќање на членовите на новоформираните управни и надзорни одбори.
„Од ветениот енергетски фонд нема ни Е, а истиот, според ветувањата што ги даде Муцунски во својата предизборна програма, требаше да биде профункционира до крајот на 2022 година“, потсетува Левица Аеродорм.