Вечерва на 63 години почина Ване Богдов, долгогодишен сопственик на конфекцијата ВаБО, која на 1 јануари 2022 година им ја предаде на своите вработени.
Како што пренесува порталот ММС, тој починал при вечерната прошетка во центарот на Штип на пешачкиот мост близу паркот Сутлак, околу 21 часот, паднал, најверојатно откако доживеал срцев удар.
Речиси во истиот момент на местото се нашол студент по медицина од Турција, кој го реанимирал и успеал да му го поврати пулсот. Богдов брзо бил пренесен во болница со возило на Итната помош, меѓутоа, не успеал да преживее.
Вечерва штипјани се простуваат од својот сограѓанин на социјалните мрежи.
„Вечерва во 21 часот, овој свет го напушти нашиот сограѓанин, кој остави траен белег во современата македонска историја! Единствен сопственик на приватна компанија во државата, кој минатата година истата ја предаде со неа да менаџираат вработените. Ќе остане запаметен како ктитор на црквата „Свети Константин и Елена” во населба Балканска, која се разликува од останатите во Штип, по уникатниот, естетски обмислен изглед. Ване Богдов во 2015 година го доби престижното признание 19 Декември. Овој човек, поради својата несебичност и желба за создавање, поради својата хуманост, волјата за живот и огромна љубов кон семејството, вработените и соработниците, секогаш ќе го споменуваме за убави работи, затоа што остави траен белег во нашите сеќавања. Вечна му памет!“, се вели во една од објавите на Фејсбук.