Личните документи, пасоши, лични карти, возачки дозволи ќе поскапат откако Владата го одобрила решението на Министерството за внатрешни работи што во наредниот период треба да стапи во сила откако ќе се објави во Службен весник, објави „Вечер“.
„Обрасците во моментов се издаваат по цените кои важеа и до сега. МВР постапувајќи по заклучок донесен од Влада, спроведува постапка за изменување на решението за цените на обрасци. Со решението се вршат измени на цените, а ќе се применуваат кога решението ќе се објави во Службен весник и ќе влезе во сила. Имено, цената на пасош за лице до 27 години ќе остане непроменета и натаму ќе изнесува 1500 денари, но пасошот за лице над 27 години ќе изнесува 2000 денари, што е зголемување за 500 денари. Цената на личната карта ќе изнесува 310 денари, што е зголемување за 120 денари. Цената на возачката дозвола ќе изнесува 410 денари, што е зголемување за 130 денари“, одговорија од МВР за „Вечер“.
Нова цена ќе добие и издавањето на пасош по итна постапка, ќе изнесува 6100 денари, а цената на возачка дозвола по итна постапка ќе изнесува 1230 денари.