Судскиот совет денеска ќе избира нов претседател по оставката на досегашната претседателка Павлина Црвенковска која беше едногласно избрана пред повеќе од една година.
Во писменото образложение на оставката таа наведе дека нејзиниот избор не одговарал на, како што рече, „група од судската – бизнис елита“.
– Ја известувам јавноста дека поднесувам оставка од позицијата претседател на Судскиот совет на РСМ. Веднаш по мојот избор на функцијата започна медиумска хајка со крајна цел да дадам оставка затоа што мојот избор за претседател не одговараше на група од судската – бизнис елита. До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструираа и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството, наведе Црвенковска во оставката.
Телма вчера објави две можни наследнички на Црвенкоска – Весна Дамева, поранешен стручен соработник во Кривичниот суд и поранешен член на правната комисија на СДСМ и Татјана Чачарова Илиевска, адвокатка која 3 години била и посебен советник за правда на поранешниот премиер Зоран Заев.