Основниот кривичен суд Скопје во реакцијата по одлуката на Апелацискиот суд за предметот „Организаторите на 27 април“ освен до апелациските судии, како што објавивме претходно, се обрати и до министерот за правда Кренар Лога.
„Сите високо профилни предмети, без разлика на статусот на обвинетите, во Кривичниот суд, се водат во крајно транспарентна постапка со присуство на медиумите, невладините организации и претставниците на меѓународните организации кои ја следат и ценат работата на правосудните органи. Нешто што е признаено и пофалено како пример и од меѓународнот фактор, но и од домашната јавност, што пак не е пример при одлучување во повисоките судови. Па во тој правец, но и во однос на јавните коментари, пред се од министерот за правда, апелираме да се внимава со избрзаните, непроверени и штетни изјави кои не одат во правец на издигнување на судството и судиите и градење на респектабилна репутација во општеството, напротив ја деградираат независноста и непристрасноста. Зачудува што ваквите „добронамерни“ критики не доаѓаат во време кога судењата се одржуваат пред очите на јавноста туку откако Апелациониот суд, повеќе од една година чекање, носи одлука“, се вели во соопштението на Кривичниот суд.
Во врска со изјавата на министерот за правда, Кривичен ги повикува медиумите и стручната јавност да анализираат каде и заради кои „суштествени повреди“ предметите со години чекаат правосилност и застаруваат, а граѓаните ја губат довербата во судството.