Пендаровски цело време е онлајн, Пенов и четворица пратеници ги нема – колку политичарите користат социјални мрежи?

115 од вкупно 120 пратеници биле присутни на најмалку еден социјален медиуми во 2022 година. Претседателот Стево Пендаровски во целост бил онлајн, додека Владата ја заврши минатата година со 20 од вкупно 21 министер кои биле онлајн на најмалку еден социјален медиум, покажа редовната годишна Анализа на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

„Бројот на активни градоначалници на социјалните медиуми останува непроменет во однос на 2021 година и изнесува 80 од вкупно 81. Сепак, политичарите и јавните институции како полека да забораваат дека нивното активно присуство на социјалните медиуми е важен сегмент од транспарентноста и отчетноста кои се нераскинлив дел од принципот на добро управување. Токму изложувањето на властите и институциите на коментарите, критиките и мислењата на граѓаните преку ваквите дигитални алатки треба сериозно да се земе како уште еден фактор за тоа дали тие се вистински подготвени да се справат со корупцијата, клиентелизмот и одлучувањето само во тесни партиски кругови, с вели во Анализа на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

Advertisements

За потребите на Институтот анализата ја изработи комуникологот Бојан Кордалов, а активно беа вклучени и Ангела Петкова, Николина Стојановска и Каролина Ѓурковска – студентки од втора година на отсекот „Односи со јавност“ при Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје.

„Властите и политичарите и на централно и на локално ниво веќе втора година зборуваат колку многу се залагаат за дигиталната трансформација на општеството. Меѓутоа, во овој сегмент на можност за дигитална комуникација со граѓаните и медиумите и нудење на квалитетни и брзи онлајн услуги во голема мера потфрлија. Сведочиме на еднонасочна комуникација, пад на институциите како активни корисници на дигиталните алатки, а за квалитетот на содржините не може да стане збор бидејќи тие во огромен број се претворени во класични политички гласила каде речиси целиот фокус е ставен на политичарите и нивните агенди, наместо на потребите на граѓаните“, вели Бојан Кордалов, комуниколог и автор на оваа Анализа изработена за потребите на ИДУЕП.

Претседател

Кај Претседателот на Републиката, Анализата покажува позитивно непроменет резултат. И во 2022 година, како и претходните три, претседателот бил истовремено присутен со своја официјална веб страна, како и редовни онлајн активности и активно присуство на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

 

Собрание

Статус кво или вкупно 115 од 120 пратеници во Собранието биле активни на Фејсбук во 2022 година. Пад за 6 пратеници кои користеле Твитер споредено со 2021 година, односно вкупно 18 биле активни на оваа мрежа лани. Инстаграм меѓу пратениците и пратеничките останува непроменет како во 2021 и 2020, односно вкупно 35 ја избрале оваа мрежа за потенцијална комуникација со граѓаните.

Анализата покажува дека само 10 од 120 пратеници истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека дури 4 народни избраници немале свој профил/страна или канал на било кој од социјалните медиуми во 2022 година.

Споредено со: 2021 година (11 пратеници биле активни на сите наведени социјални медиуми, а 5 не користеле ниедна); 2020 година (15 биле активни на сите наведени платформи, а само 1 пратеник граѓаните не можеле да го контактираат преку Фејсбук, Твитер или Инстаграм).

На социјалните мрежи ги нема пратениците Панчо Минов, Драгољуб Филипоски, Мерита Колчи-Коџаџику и Стојан Миланов.


Влада и министерства

И Владата ја заврши 2022 година со благ пад во користењето на социјалните медиуми. 20 од вкупно 21 министри биле активни на Фејсбук во 2022 година. Твитер бил изборот на 12, додека Инстаграм на 17 (тука се бележи раст од 2 министри повеќе споредено со 2021 година). Вкупно 12 министри биле активни на сите наведени платформи, додека еден министер не користи ниту еден социјален медиум.

Споредено со 2021 година (сите министри користеле Фејсбук, односно барем еден социјален медиум, Твитер бил изборот на 16, додека Инстаграм на 15 министри, а 13 министри биле истовремено активни на сите наведени платформи). Во 2020 година вкупниот број на активни министри на сите три платформи изнесувал 10.

Четврта година по ред оваа Анализа ги опфаќа го онлајн присуството на министерствата и веб платформата на Владата. Свои официјални веб страни имале сите 17 институции, додека исто толку биле активни на Фејсбук. На Твитер свое присуство имале речиси половината, односно 8 министерства, Инстаграм бил изборот на само 2 владини министерства, додека официјално Јутјуб канал користеле 4 министерства.

Само Владата и Министерството за политички систем се истовремено активно присутни со веб платформа, како и со свои кориснички сметки на Фејсбук, Твитер, Инстаграм и ЈуТјуб. Позитивна вест е што втора година по ред не постои министерство кое не нуди барем 2 опции да биде контактирано од граѓаните и медиумите преку дигиталните алатки.

Градоначалници и општини

Статус кво, благ раст, но и пад и кај користењето на социјалните медиуми кај единиците на локалната самоуправа. 80 од вкупно 81 градоначалник биле активни на Фејсбук во 2022 година. На Твитер биле активни само 6 градоначалници, додека, пак, на Инстаграм тој број изнесувал 40, односно половина. Вкупно 4 градоначалници во 2022 година истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека 1 градоначалник немал свое присуство на ниту еден од социјалните медиуми.

„Огромен проблем претставуваат затворените кориснички сметки на јавните функционери. Секако дека и тие имаат свое право на приватност, но тенка е линијата меѓу личноста и функцијата што ја врши. Оттука, ги советуваме или да ги отворат своите профили на социјалните медиуми или, пак, дополнително да отворат свои официјални страни и канали каде граѓаните и медиумите ќе можат да ги контактираат, да им ги испраќаат своите мислења, предлози и критики“, посочи комуникологот Бојан Кордалов, автор на Анализата и координатор на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП.

Тој смета дека со недоволното искористување на дигиталните алатки, властите и институциите пропуштаат сериозна шанса да ја намалат општествената апатија кај младите бидејќи тие се и најголеми корисници на дигиталните алатки.

„Ако ги погледнеме активностите на јавните функционери, јасно ќе видиме кои од нив градат сеопфатна стратегија за комуникација со јавноста, кои целат и кон освојување на симпатиите кај младите луѓе, а кои сеуште се водат според принципите за комуникација од минатиот век. Дополнително, сериозен недостаток претставува што речиси секаде, без исклучок, примат се дава на личните дигитални платформи на јавните функционери, наместо еднакво и на јавните институции кои тие во моментот ги раководат. Со ваквиот пристап, за жал, се пропушта нова шанса да изградиме целосно професионална администрација, да обезбедиме континуитет во функционирањето на институциите, а наместо тоа и понатаму преовладува партизацијата и концентрација на моќта во една личност наместо кон системско јакнење на јавните институции“, посочува Кордалов.