Ковачевски: Не е пропаганда дека државата субвенционира 73 отсто и затоа стои на сметките за струја

Не е пропаганда дека на сметката за потрошена електрична енергија стои дека државата субвенционира 73 отсто од неа, таму стои колкава е субвенцијата од страна на Владата, а не субвенција од политички партии, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски како одоговор на новинарско прашање за тоа дали е етички што субвенциите за струја се наведени во сметките за струја.

„Сметката ниту е пропаганда, ниту, пак, е флаер, туку е сметка за електрична енергија. Електричната енергија државата ја субвенционира за целиот регулиран пазар. Доколку се погледне цената на електричната енергија на берзите во моментов е сигурно 300 евра, а минатата недела беше 500 евра. Намалена е затоа што во Западна Европа се божиќните католички празници, но кога ќе завршат и кога индустријата ќе почне да работи со полн капацитет цената сигурно повторно ќе биде зголемена“, рече премиерот Ковачевски.

Advertisements

Тој истакна дека од 1 јануари нема да се дозволи да има ценовен шок за граѓаните.

„Владата во текот на целиот изминат период ја субвенционира цената на електричната енергија и со тоа не дозволивме да има ценовен шок за граѓаните. Така беше до сега, така ќе биде и од 1 јануари, но убаво е да се знае дека постои субвенција на цената на електрична енергија заради штедењето, бидејќи секој заштеден киловат од граѓаните, од стопанството и од институциите значи и помалку потрошени финансиски средства од страна на Буџетот“, порача Ковачевски во одговорот на новинарско прашање на денешната прес конференција во Владата, каде заедно едно со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска го презентираа предлог Буџетот на Министерството за култура за 2023 година.