Ковачевски: Обезбедивме над 760 милиони евра за заштита на најранливите категории на граѓани и за ликвидноста на компаниите

Во услови на најголемата светска енергетска криза, Владата активно делува на две линии и тоа со пакетот на антикризни мерки над 760 милиони евра, кој е најголем пакет на државна помош во регионот како и со нови инвестиции и работни места, рече премиерот Димитар Ковачевски на седницата за пратенички прашања
„Најпрво реков дека никој нема да биде оставен сам и измината година обезбедивме два пакети антикризни мерки за заштита на најранливите категории на граѓани и за заштита на ликвидноста на компаниите во износ од над 760 милиони евра. Сите антикризни мерки се навремено донесени во консултација со сите страни, Стопански комори, академската заедница итн. и делувавме во најбрз можен рок за нивна реализација. Пакетот антикризни мерки од над 760 милиони евра,беше оценет како најголем од сите земји во регионот и тоа од страна на Светската банка. Компаниите ги ослободивме од плаќање на ДДВ при увоз на природен гас и струја. Исто така од април ја субвенционираме цената на струјата со 80 проценти на реалната берзанска цена за сите 600.000 домаќинства и за 72.000 компании. Донесовме мерки и за школите и за компаниите што произведуваат основни прехранбени производи, со цел да спречиме понатамошен раст на цените и понатамошно намалување на цените во услови на зголемена инфлација. Веќе имаме намалување на цените на лебот, млекото, зејтинот во маркетите во државата“, рече Ковачевски.

Дополнително Ковачевски истакна дека, во време на најголема енергетска криза, ја имаме и најдобрата година до сега од постоењето на ТИРЗ и тоа е навистина голем  успех.

„2022 ја завршивме со 2.300 нови работни места, над 430 милиони евра нови инвестиции, а во октомври лани ја надминавме и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година. 16.300 наши сограѓани работат во компаниите во индустриските зони во цела држава. Извозот од зоните во 2022 година, достигна 3,7 милијарди евра што меѓу другото се должи и на новоотворените работни места. Првичните анализи покажуваат дека на секој 1 денар вложен од државата, компаниите вратиле 4 денари назад во буџетот. Тоа значи дека имаме инвестиции кои носат поголема додадена вредност и за државата и за граѓаните. Јас верувам дека државата може уште повеќе да напредува и да се развива и среќен сум што таква можност гледаат и странски компании кои што инвестираат во нашата држава. Трендот, се повеќе странски компании да отвораат тука, а видовте дека годината ја започнавме со нова инвестиција од 40 милиони евра во ТИРЗ во Скопје, е можност за отворање на нови работни места, компанијата „Магна мехатроникс“ започна со подготовки за изградба на нова фабрика којашто ќе вработи 600 луѓе со 40 милиони евра и сето тоа влијае врз растот на просечната плата во државата која што надмина 33.000 денари за прв пат во нашата историја“, рече Ковачевски.

Advertisements