Николоски: „Лидл“ во Македонија инвестира 200 милиони евра

Со поставување на камен-темелникот за новиот маркет на „Лидл“ во Струмица, официјално започна реализацијата на еден од најголемите трговски проекти во земјава. На настанот присуствуваше вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој истакна дека инвестицијата претставува значаен чекор за македонската економија и за подобрување на деловната клима.

„Означуваме почеток на навистина огромен проект за Струмица и за целиот регион. Просторот кој пред неколку месеци изгледаше сосема поинаку денес е градилиште, а за краток период ќе прерасне во модерен трговски објект. Особено ми е драго што еден од најголемите светски трговски брендови доаѓа во Македонија, бидејќи тоа е силен сигнал дека државата е препознаена како атрактивна дестинација за инвестирање“, изјави Николоски.

Тој нагласи дека Владата продолжува активно да работи на привлекување нови инвестиции и отворање работни места.

„Се бориме за секоја инвестиција, за секое евро и за секое ново работно место. Инвестиција од околу 200 милиони евра е исклучително значајна за економија со големината на македонската“, рече Николоски.

Според него, новиот маркет ќе придонесе за економски развој на Струмица и околината, но и ќе создаде нови можности за домашните производители.

„Очекувам „Лидл“ да ги препознае квалитетните земјоделски производи од струмичкиот регион. Ова е крај познат по своето раноградинарско производство и верувам дека многу локални производи ќе се најдат не само на полиците во Македонија, туку и во маркетите на компанијата во регионот и пошироко. Тоа ќе значи сигурен пласман и подобри можности за нашите земјоделци“, истакна тој.

Advertisements

Николоски додаде дека Владата веќе направила измени во правилникот за урбанистичко планирање со цел да се забрза реализацијата на вакви инвестиции низ целата држава.

„Ќе продолжиме да ги поедноставуваме процедурите и да обезбедуваме услови ваквите проекти побрзо да се реализираат. Очекуваме првите маркети на „Лидл“ во Македонија да бидат отворени околу Нова година“, порача вицепремиерот.