Пет лица се повредени, меѓу кои една жена која се наоѓа во критична состојба, по серија координирани напади со запаливи направи во Солун. Цел на нападите во раните утрински часови биле објекти поврзани со високи функционери на владејачката партија Нова демократија.
Според информациите на грчкиот медиум „Прототема“, напаѓачите користеле мотоцикли за брзо да се оддалечат од локациите.
Најсериозни последици се регистрирани за време на третиот напад, кој се случил во 4:35 часот во населбата Харилау, пред домот на политичарката Афродити Нестора.
„Еден од автомобилите е на Афродити Нестора. Пет лица се повредени во инцидентот. Нејзината 70-годишна мајка претрпе тешки изгореници по целото тело и е на вентилатор во Одделот за интензивна нега во болницата „Ипократио“.“
Самата Нестора и нејзиното семејство исто така побарале лекарска помош поради изгореници и респираторни проблеми предизвикани од густиот чад. Во пожарот целосно се уништени неколку возила, а оштетувања претрпела и околната инфраструктура.
Претходно, слични инциденти биле пријавени во населбите Тумба и Пилеа, каде цел биле имоти на поранешниот пратеник Савас Анастасијадис и претседателот на партискиот одбор, Зисис Јоакимовиќ.
„Непознати лица активираа запалива направа поставена на влезот од станбена зграда, на третиот кат од која живее поранешниот пратеник за Вториот солунски округ Савас Анастасијадис. Експлозијата ги скрши стаклените панели на влезот и предизвика топлинска штета, но немаше повредени.“
Случајот поради сериозноста и политичкиот контекст веднаш го презеде Антитерористичката служба на Грција.
Инспекторите работат на анализа на теренските докази за да утврдат дали трите напади, кои биле извршени во интервал од само 20 минути, се дел од координиран план на иста група.



