Филипче: Го блокираме Изборниот законик, електронското гласање на дијаспората е ризик

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека партијата ќе го блокира предлогот за измени на Изборниот законик поради одредбата што предвидува електронско гласање на дијаспората, оценувајќи дека предложеното решение не е доволно безбедно и остава простор за злоупотреби.

Филипче рече дека премиерот Христијан Мицкоски денеска изјавил дека е подготвен да ги прифати сите забелешки на СДСМ во однос на Изборниот законик, освен одредбата што се однесува на електронското гласање на дијаспората.

Според него, ваквиот модел не е европска практика и посочи дека некои држави, меѓу кои и Франција, се откажале од електронското гласање поради безбедносни ризици

„Зошто да ја доведеме државата во ситуација да се сомневаме во регуларноста на изборниот процес? Отвора можност за злоупотреби, контролирано гласање и сомнежи во легитимноста на изборите“, рече Филипче.

Тој предложи одредбата за електронско гласање на дијаспората да биде повлечена од актуелните законски измени и за неа дополнително да работи експертска работна група, со цел да се изгради сигурен и доверлив систем до претседателските избори во 2029 година

Филипче оцени дека доколку електронскиот систем биде хакиран или нефункционален на денот на гласањето, тоа би можело сериозно да го наруши изборниот процес и легитимитетот на резултатите.

Advertisements

Осврнувајќи се на реконструкцијата на Владата, лидерот на СДСМ рече дека од актуелната власт не може да се очекуваат позитивни промени, обвинувајќи ја дека во изминатите две години не обезбедила повисоки плати, подобар животен стандард и напредок во евроинтеграциите.

Тој додаде дека СДСМ ќе ги поднесе најавените амандмани на денешната седница на собраниската комисија.