Владата го укинува прогресивното оданочување

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерот за финансии, Фатмир Бесими денеска го презентираа новиот Концепт на даночна реформа со кој се предвидува укинување на концептот на прогресивен данок, кој што требаше да стартува од 1 јануари наредната година.

„Со овој нов концепт, не се предвидуваат нови даноци, не се предвидува зголемување на даноците, односно данокот на личен доход останува со една стапка од 10% и се укинува прогресивното оданочување кое требаше да стапи на 01.01.2023 година, данокот на добивка останува 10% и не се зголемува, данокот на додадена вредност останува 18% и не се зголемува, исто така, каматите на депозитите и штедните влогови, нема да се оданочуваат“, рече премиерот Ковачевски.

Advertisements

Тој истакна дека овој нов концепт ќе значи ревидирање на даночните ослободувања, проширување на даночната основа и сузбивање на неформалната економија.

„Резултатот од новиот Концепт ќе биде одржливи и повисоки стапки на економски раст, но и транспарентно управување со јавните финансии, што е особено важен во услови на оваа најголема економска криза“, истакна Ковачевски.

Претседателот на Владата напомена дека оваа даночна реформа е дел од Стратегијата за реформа на даночниот систем(2021-2025), каде се утврдени главните цели на даночните реформи, притоа истакнувајќи дека станува збор за пет приоритети.

„Како прв приоритет во Стратегијата се наведува поголемата праведност во оданочувањето, односно секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот. Вториот приоритет е поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, третиот приоритет се однесува на зголемена даночна транспарентност, четвртиот приоритет е подобар квалитет на услугите и петтиот приоритет е еколошко („зелено“) оданочување, односно стимулирање на даночните обврзници да го намалат своето однесување и активностите кои придонесуваат за загадување, користење на обновливи извори на енергија, заштита на природните ресурси и поттикнување одржлив економски развој, како и подобрување на квалитетот на животот“, појасни премиерот Ковачевски.

Ковачевски истакна дека намерата на Владата е да креира праведен, ефикасен, модерен даночен систем, кој ќе има улога во одржување на здрави макроекономски фундаменти, при што ќе го поддржи економскиот развој, ќе даде поддршка во општествено корисните процеси, па дури и ќе има корективна улога, како во случајот со зелените даноци.

„Со цел да дојдеме до оптимално решение кое ќе ја следи оваа визија, кон целиот овој процес како Влада пристапивме многу детално, аналитички, со бројни емпириски истражувања како и пресметки“, рече Ковачевски.

Истакнувајќи дека клучната карактеристика на новиот даночен систем е праведноста, премиерот Ковачевски информираше дека целиот концепт е поделен на четири групи, кои се однесуваат на различни категории и треба да обезбедат стабилни приходи и правично оданочување.

„Новината е дека од следната година нема да се применува прогресивно оданочување. Конкретно, тој концепт на прогресивно оданочување се укинува и продолжува примената на оданочување на остварениот доход со единствена стапка од 10 %, што е и одговор на барањата од деловната заедница, но и на граѓаните кои ги споделија со нас во текот на јавната расправа“, рече Ковачевски.

Во делот на втората група на мерки, Ковачевски појасни дека со нив се подразбира измени на законите со кои се опфаќаат даноците и даночните политики со кои ќе се намали административниот товар за даночните обврзници, но и за Управата за јавни приходи.

„Со овие решенија ќе се спречи злоупотреба на даночно ослободување и даночна евазија“, изрази очекување од оваа група на мерки премиерот Ковачевски.

Ккао што најави Ковачевски, група на мерки се насочени и кон промени на законски решенија во делот на даночните прашања.

„Третата група на мерки од новиот Концепт се однесува на измена на неколку законски решенија кои содржат даночни прашања. Тоа се Законот за вработување на инвалидни лица и Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, како и мерки за кои е потребно донесување на нов закон за доброволно социјално осигурување“, рече Ковачевски.

Како што информираше премиерот Ковачевски, со новиот концепт ќе се предложи и нови решение и за хонорарците, кои доколку сакаат, на доброволна основа, односно по сопствена волја, ќе можат самостојно да ги регулираат придонесите за пензиско и здравствено осигурување.

„Во четвртата група на даночни решенија се опфатени неколку нови иницијативи во делот на данокот на додадена вредност, односно во регулатива за повластени даночни стапки. Една од новините во оваа група мерки е намалувањето на стапката на ДДВ од 18% на 5% за производи за менструална хигиена како наш придонес во борбата со менструална сиромаштија. Имено, врз основа на иницијативите од страна на група пратеници како и од граѓанскиот сектор, со новиот концепт на даночна реформа направивме решение кое ќе овозможи поголема достапност на овие производи до сите жени и девојки независно од економската положба и куповната моќ“, рече Ковачевски.