Синот на Даниел Колман почина и покрај лекувањето и операциите.
Детската интернет-ѕвезда и креатор на популарната едукативна програма Даниел Колман, познат како Danny Go, се огласи на Инстаграм и соопшти потресна вест дека неговиот 14-годишен син Ајзак починал по борба со рак на усната шуплина во трет стадиум.
Во емотивната објава, Колман ја изрази болката поради загубата на синот, истакнувајќи дека Ајзак за време на целото лекување покажувал неверојатна сила и храброст и покрај тешката болест.
– О, мое слатко момче. Толку многу сакам да кажам, но сè уште не знам како. Веќе многу ми недостигаш и болката во моето срце е поголема отколку што можам да поднесам. Но, гледајќи илјадници фотографии и снимки оваа недела, исполнет сум и со огромна гордост. Твоите 14 години беа полни со предизвици, но ти ги надмина сите со неверојатна сила и некако ја задржа својата препознатлива радост и покрај сè. Имаше посебен сјај, Ајзак! Споменот на тоа колку беше сакан и колку твојот живот беше исполнет ми дава утеха. Да бидам твој татко беше најголемата чест во мојот живот. Горд сум на тебе и ќе те сакам засекогаш. Почивај во мир, сине – напишал скршениот татко.
Во меѓувреме, семејството добило бројни пораки со поддршка, меѓу кои и од познатата едукаторка и јутјуберка Рејчел, која ги повикала следбениците да испратат зборови на утеха до семејството Колман.
– Здраво, прекрасна заедницо на родители и старатели. Ве молам испратете многу љубов, мисли и молитви до Дени Го и неговото прекрасно семејство. Многу ни е жал за нивната загуба – напишала таа.
Ја откажал турнејата поради трагедијата
Тој претходно откри дека неговиот син болувал од Фанкониева анемија, ретко наследно заболување кое влијае на коскената срцевина и го зголемува ризикот од развој на малигни болести.
За време на лекувањето биле забележани и дополнителни здравствени проблеми, вклучувајќи промени на мозокот и невролошки компликации.
Во јануари било соопштено дека Ајзак бил подложен на операција за отстранување на тумор, при што биле отстранети дел од забите и ткивото од усната шуплина, по што болеста напредувала до трет стадиум.
Поради тешката семејна ситуација, Даниел ја откажал планираната турнеја за 2026 година за целосно да му се посвети на семејството.



