Последната желба на Владо Јаневски ќе биде исполнета денеска

Македонија денеска ќе се прости од музичката легенда Владо Јаневски, кој ќе биде погребан на гробиштата во Бутел. Пејачот почина по кратко боледување на 66-годишна возраст, оставајќи зад себе богата музичка кариера и безвременски хитови кои ги одбележаа животите на повеќе генерации.

Во изминатите денови бројни колеги, пријатели, соработници и обожаватели со емотивни пораки се простија од човекот чии песни со децении беа дел од македонската музичка сцена.

Бројни колеги и пријатели се простија од него, а вчера ѕвездено небо блесна за пејачот пред арената Борис Трајковски, каде бројни фанови запалија свеќи и ги пееја неговите песни.

Според неофицијални информации објавени од „Независен“, една од последните желби на Владо Јаневски била да биде погребан во облеката што ја носеше на својот незаборавен настап на фестивалот „Макфест“ во Штип, заедно со препознатливиот брош на сакото.

Токму „Макфест“ беше местото каде што Јаневски ги постави темелите на својата успешна соло кариера. Во 1993 година настапи со песната „Чаирска романтика“, со која го освои второто место, а веќе следната година триумфираше со „Еден бакнеж“, песна која стана еден од неговите најголеми хитови и остана запаметена како класик на македонската забавна музика.

Со денешното последно испраќање, Македонија ќе се збогува со еден од своите најголеми музички уметници, чиј глас, песни и дело ќе продолжат да живеат низ генерациите.

Advertisements