Филипче: Оваа влада создава вештачки непријатели од соседите

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Сител Телевизија рече дека актуелната власт со неодговорна и националистичка реторика намерно ги влошува односите со соседите и создава вештачки непријатели, наместо да работи во интерес на државата и на европската иднина на граѓаните.

Филипче истакна дека пропагандата на ВМРО не само што не донесе никаква заштита на националните интереси, туку директно ја закочи државата.

„Дојде на власт во 2024 година со тоа што кажуваше дека се загрозени националните интереси, дека е загрозен јазикот идентитетот, дека некако и нешто било ставено под ризик. Ништо од тоа не е вистина. Тие дојдоа со една силна пропаганда националистичка реторика и што се случи, ја закочија земјата“, рече Филипче.

Тој нагласи дека наместо државнички пристап, Владата во изминатите две години постојано произведува тензии со соседите и ја оттурнува земјата од политиката на добрососедство.

„Немојте да мислите дека ако нешто се повторува ние нема да го осудиме не, но мора да мислиме и на реалноста и на добрите меѓусоседски односи. Што се случува во изминатите две години, само провокација од наша страна. Влошување во меѓу соседските односи. Па вештачки непријатели се Грците и Бугарите благодарение на оваа влада. Само провокации кон едната и кон другата страна. “, порача Филипче.

Претседателот на СДСМ потенцираше дека на Македонија ѝ е потребна политика на разум за да се обезбеди посакуваното члнество без кое нема напредок.

Advertisements

„Нема напредок без Европа. Тоа значи зајакнување на систем. Тоа значи неселективна правда. Тоа значи пари за граѓаните.“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервјуто за Сител Телевизија.