„Ќе го почитувам парламентот и ќе бидам претседателка на сите граѓани“ – Гордана Силјановска Давкова даде свечена заклетва

Претседателката Гордана Силјановска Давкова ја даде свечената заклетва со што стана шестиот по ред шеф на државата од независноста.

Силјановска Давкова при давањето на заклетвата не го употребуваше уставното име „Република Северна Македонија“, туку употребуваше Македонија.

Advertisements

Во говорот наведе дека ниту таа верувала дека ќе стане шеф на државата, како што во нејзина победа верувал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Таа во својот говор укажа на големото значење на жените во политиката и дека за сите ќе се грижи за сите еднакво.

„Ќе го почитувам овој парламент, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги паметам само добрите. Ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна. Ќе бидам претседателка на сите граѓани, нема да правам разлика меѓу нив. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови, кои се најголемата обврска која сум ја имала во животот. Ќе сторам се за да ја оправдам. Време е за единство“, рече Силјановска-Давкова.

Време е за единство и за тоа ќе им се обратам на жените, додаде Силјановска Давкова.

„Бидејќи ние покажуваме дека не се грижиме само за себе туку и за сите околу нас, посочи Силјановска во обраќањето кое беше посветено на улогата на жените во политиката и која треба да биде многу поголема“.

Гордана Силјановска Давкова е прва жена претседателка на Македонија.

Родена е на 11 мај 1953 во Охрид. Основно и средно образование завршила во Скопје (1973). Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала. Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Local Selfgovernment – between Norms and Reality“ во 1994.

Била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје (1989), за доцент по уставно право и политички систем (1994), а потоа и за редовен професор во 2004. Била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министер во Владата на РМ (1992-1994). Експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.

Таа беше канадидат на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателските избори во 2019 година, тогаш изгуби од Стево Пендаровски.

На парламентарните избори во 2020 година, Силјановска Давкова беше носител на кандидатскиот список за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Изборна единица 1.

Од август 2020 година таа е пратеник во македонското Собрание.