„На 8-ми мај одлуката за иднината на вашите деца и внуци е во ваши раце! – Ковачевски на завршен митинг во Скопје

„На 8-ми мај одлуката за иднината на вашите деца и внуци е во ваши раце! Јас можам да ви ветам дека ние ќе се бориме до последен здив Македонија да стане модерна и развиена европска држава. Само глас за нашиот претседател Стево Пендаровски и за пратеничките листи на СДСМ и Коалицијата за европска иднина е сигурен глас за Македонија во ЕУ“, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашниот завршен митинг во Скопје.

Потенцираше дека ова е последен повик за Европа и дека Македонија заслужува да биде дел од европското семејство.

Advertisements

„Во среда, секој од нас ќе се најде на крстосница на која ќе треба да одлучи дали ќе избере подобра иднина, повисок стандард и европски вредности за нашата Македонија или ќе поддржи изолација, враќање на режим и збогување со прогресивната, европска перспектива на државата“, рече Ковачевски.

Лидерот на СДСМ порача дека има само еден начин да изградиме подобра иднина за нас и нашите деца, а тоа е со членство во Европската Унија и со поддршка од нашите стратешки партнери САД и ЕУ.

„Денеска, на последниот ден од кампањата, сакам да се обратам до сите прогресивни и демократски граѓани, кои искрено си ја сакаат државата и кои сакаат Македонија да стане дел од европското семејство. Ве повикувам, на 8 мај заедно, јасно и гласно да порачаме: Нема откажување од подобар живот! Нема откажување од просперитет и напредок! Нема откажување од европски стандард и европски вредности!“

Ковачевски најави дека ниту тој, ниту останатите кандидати за пратеници од СДСМ и Коалицијата за европска иднина нема да се откажат додека не се остварат сите ветувања од Програмата за европска иднина, која предвидува повисоки плати и пензии, подадена рака на младите, студентите, учениците, поголема поддршка за стопанството и земјоделството.