„Послушајте Македонци!
Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“
Блаже Конески
Овој аманет на Конески нѐ задолжува да го чуваме и да го негуваме македонскиот јазик, зашто тој е „нашата татковина”.
Ова денеска го порача прилепскиот градиначалник Борче Јовчески при обраќањето во родната куќа на великанот Конески каде заедно со претставници од прилепскиот „Завод и Музеј и ученици од основните училишта од градот го посетија Небрегово.
Посетата на спомен-домот на Блаже Конески во Небрегово е во рамки на одбележувањето и чествувањето на 101 година од раѓањето на великанот на македонската култура, јазик и книжевност.
– Нашиот Блаже Конески бил првиот претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ и добитник на многубројни награди низ светот. Поетската мисла на Конески е преведена на многу светски јазици и е најголем амбасадор на македонската книжевност ширум светот. Затоа изразувајќи ја мојата длабока почит како градоначалник на Прилеп од каде што се корените на Блаже Конески, испраќам порака дека неговиот аманет не задолжува да го чуваме и негуваме македонскиот јазик затоа што како што кажал Конески „Тој е нашата единствена татковина, изјави Јовчески.
Родната куќа на Конески претставува значаен споменик на македонската културата и ѝ припаѓа на руралната архитектура, посочија претставниците од прилепскиот „Завод и Музеј”.
Учениците одржаа пригодна програма, посветена на великанот Конески.
Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во с. Небрегово.