Судот за човекови права во Стразбур денеска ја објави одлуката по поднесените апликации на поранешните високи функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, со кои бараа да им се уважи аболицијата која во 2016 година им ја даде поранешниот претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Судот одлучи дека жалбите се недопустливи.
„Во својата одлука во предметот Талески и другите против Северна Македонија (молби бр. 77796/17, 80003/17, 81848/17, 81862/17, 11583/18 и 30884/18) Европскиот суд за човекови права едногласно ја прогласи жалбата за недопустлива. Одлуката е конечна“, се наведува во одлуката на Судот.
Судот за човекови права констатира дека апликантите ги немаат испцрпено домашните правни лекови, а жалбите се преуранети.
Во одлуката на Судот се нагласува дека кривичните постапки се уште течат пред домашните судови, што значи дека првостепените пресуди прво требало да поминат пред Апелација и Врховен суд.
Со аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од април 2016 година беа помилувани 56 лица осомничени и осудени во повеќе предмети што ги водеше Специјалното јавно обвинителство. По масовните протести и реакциите во јавноста Законот за помилување беше изменет и аболицијата беше повлечена.