(ВИДЕО) Самит Западен Балкан-ЕУ: Потпишан договор за поефтини роаминг цени со европските земји

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во рамките на Самитот Западен Балкан – Европска Унија во Тирана, заедно со лидерите од Западен Балкан, присуствуваше на потпишување на договор за пониски роаминг цени, информираат од прес службата на Владата.

Со овој договор од идната 2023 година Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и БиХ ќе имаат пониски тарифи во роаминг со земјите од Европската Унија. Како што информираат од Владата, истиот договор по извесен период предвидува целосно укинување на роаминг тарифите за земјите од Западен Балкан со европските земји.

Advertisements

„Денешното потпишување на договорот е уште една силна потврда за нашата европска иднина и интензивната соработка на земјите од Западен Балкан со земјите од ЕУ. Со овој договор од денес ќе сме поповрзани со земјите од ЕУ и ќе можеме полесно и побрзо да одиме по европскиот пат. Со овој договор се овозможува поголема поврзаност и практична и економска придобивка и за граѓаните и за бизнисот“, се вели во соопштението од Владата.

Претходно Ковачевски во Тирана беше пречекан од премиерот на Албанија, Еди Рама каде се одржува Самитот за Западен Балкан – Европска Унија. Ова е првиот Самит на ЕУ што се организира во регионот на Западен Балкан.