Сѐ што СДСМ го посочуваше изминатиот период се потврдува, власта шверцерски протнува законски измени на Законот за Влада, сакаат да ја укинат техничката влада односно единствениот механизам за контрола во изборен период, соопштија денес од СДСМ.
Оттаму додаваат дека сериозно е намалена довербата на граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ и дека оваа партија спроведува како што велат целосна партизација низ државата.
„Падна и менторот на Мицкоски – Виктор Орбан, се очекуваат сите процеси во Унгарија за испитување на бизнис релациите да започнат со формирањето на новата влада.
Очигледно почнува да му се брза на Мицкоски. Целосно е окупиран правосудниот систем, воспоставена е контрола врз обвинителството и судството со подобни обвинители и судии блиски до Мицкоски.
Премиерот Мицкоски јавно дели задачи од собраниска говорница, нарачува прогон врз опозцијата со неговите „чувства”. Сите институции се партизирани и поклопени, се спроведува брутална партизација и на МВР“ велат од СДСМ.
Од опозициската партија предупредуваат дека измените на суштински закони треба да се спроведат преку консензус додавајќи дека тие ќе сторат се техничката влада да остане.
„Ваквите закони во времето на СДСМ се носеа со консензус а не шверцерски како што тоа се обидува да го направи владата на ВМРО. Зошто сега турка без согласност на СДСМ?
СДСМ предупредува, секој обид за укинување на техничката влада во вакви услови е директен напад врз демократијата и слободните избори и ние ќе се спротивставиме. Техничката влада мора да остане затоа што последна институционална линија на одбрана од злоупотреба на изборниот процес и единствен обид за фер и демократски избори“ стои во соопштението на СДСМ.



