Грчкиот политичар и поранешен министер за финансии Јанис Варуфакис вечерва бил нападнат во ресторан во Атина.
Како што пренесува Катимерини, Варуфакис имал скршеница на носот.
Група од околу 20 луѓе го виделе Варуфакис во ресторанот и го повикале да излезе надвор.
Меѓутоа, хулиганите сами влегле во ресторанот, а за да се смират тензиите, Варуфакис си заминал. Потоа го нападнале и го претепале. Поточно, еден од нив го удрил со тупаница по лицето, при што Варуфакис паднал, а потоа повторно силно го удрил по главата, истовремено снимајќи го нападот.
Варуфакис, инаку секретар на партијата МЕРА25, беше пренесен во болницата Евангелизам.
Во врска со нападот, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на Твитер објави дека земјата нема да толерира такви напади, пренесува Прототема.
„Му посакувам брзо закрепнување и сигурен сум дека грчката полиција ќе вложи максимални напори виновниците да се изведат пред лицето на правдата“, рече Мицотакис.
Поранешниот грчки министер за финансии беше цел на анархисти и во 2015 година, кога исто така беше нападнат додека седел со сопругата во ресторан во Атина.