Во Газа се убиени над 40.000 Палестинци, папата Франциск апелира да се стави крај на оваа трагедија

Папата Франциск денеска изрази длабока загриженост поради ескалацијата на конфликтот во Газа во денот кога бројот на убиени Палестинци во 10-месечната израелска офанзива надмина 40.000.

По молитвата на плоштадот Свети Петар, папата одвои момент да се осврне на различни глобални конфликти, вклучувајќи ги Украина, Блискиот Исток, палестинско-израелскиот конфликт, Судан и Мјанмар. Но, тој стави посебен акцент на ситуацијата во Газа, каде континуираното насилство доведе до хуманитарна криза.

Advertisements

„И натаму со загриженост ја следам хуманитарната ситуација во Газа. Уште еднаш барам прекин на непријателствата на сите фронтови, ослободување на заложниците и помош на исцрпеното население. Ги повикувам сите да вложат максимални напори за да се спречи ширењето на конфликтот и да се започнат преговори за што поскоро да се стави крај на оваа трагедија, и да не заборавиме дека војната е пораз, истакна поглаварот на Римокатоличката црква.

Тој постојано се залага за мир во конфликтните зони, повикувајќи на дијалог и преговори како единствени остварливи решенија за ставање крај на насилството.

Неговиот последен апел доаѓа кога ситуацијата во Газа и понатаму е напната, со стравувања дека конфликтот може дополнително да го дестабилизира регионот.

Повеќе од 40.000 Палестинци се убиени во Газа од 7 октомври, повеќето жени и деца, а повеќе од 92.000 се повредени, според локалните здравствени власти.